MK/Prabhupada 0124 - Зборовите на Духовниот учител треба да ги сфатиме како наш живот и душа

From Vanipedia
Jump to: navigation, search

Зборовите на Духовниот учител треба да ги сфатиме како наш живот и душа
- Prabhupāda 0124


His Divine Grace Srila Bhaktisiddhanta Sarasvati Gosvami Prabhupada's Disappearance Day, Lecture -- Los Angeles, December 9, 1968

Значи, за време на животот тој бил akhaṇḍa brahmacārī. Бхактивинода Тхакура имал многу други синови, а тој бил петтиот по ред. Некои од неговите браќа не се ожениле. И мојот Гуру Махараџа никогаш не се оженил. Од детство бил строг брахмачари, Бхактисидханта Сарасвати Госвами Махараџа. Поминал низ големи строгости за да го почне ова движење, ова светско движење. Тоа беше неговата мисија. Бхактивинода Тхакура го побарал тоа од него. Во 1896 година Бхактивинода Тхакура сакал да го започне движењето за свесност за Кришна така што ја испратил оваа книга „Шри Чаитанја Махапрабху, Неговиот живот и принципи“. За среќа, таа година бев и јас роден, па со посредство на Кришна, стапивме во контакт. Јас бев роден во едно семејство, мојот Гуру Махараџа во друго. Кој знаеше дека ќе дојдам под негова заштита? Кој знаеше дека ќе дојдам во Америка? Кој знаеше дека вие американски момчиња ќе бидете со мене? Сè е ова со посредство на Кришна. Не можеме да разбереме како се случуваат работите.

Во 1936...Денес е деветти декември 1968. Значи, тоа се случи пред триесет и две години. Во Бомбај, каде што бев по некоја работа. Се случи неочекувано, можеби на истиот овој датум, некаде меѓу деветти и десетти декември. Во тоа време Гуру Махараџа беше болен и престојуваше во Џаганатха Пури, на морскиот брег. Му напишав писмо: „Мил мој учителу, вашите други ученици, брахмачари и санјаси, директно ве служат. Но, јас имам семејство. Не можам да живеам со вас, не можам добро да ве служам. Навистина не знам на кој начин да ве служам“ Тоа беше само идеја, размислував за мојата служба: „Како да го служам посериозно?“ Неговиот одговор имаше датум од 13 декември 1936. Во тоа писмо ми пиша: „Мил мој, вашето писмо многу ме израдува. Мислам дека треба да го ширите нашето движење на англиски“. Тоа беа неговите зборови. „Тоа ќе биде добро за вас и за луѓето што ќе ви помагаат“. „Ви посакувам...“

Тоа беше неговото барање. А потоа, во 1936, на 31-ви декември, тоа значи само две недели откако ми го напиша писмото, тој го напушти овој свет. Го сфатив многу сериозно тоа барање од мојот духовен учител, но не мислев дека ќе морам да ги направам сите овие работи. Во тоа време имав семејство. Сето ова се случи со посредство на Кришна. Ако сериозно му служиме на духовниот учител, на неговите барања, тогаш Кришна ќе ни пружи можности. Тоа е тајната. Иако немаше можност за тоа, така барем мислев, јас го сфатив барањето сериозно кога го прочитав коментарот на Бхагавад-гита од Вишванатха Чакраварти Тхакура. Во Бхагавад-гита има еден стих: vyavasāyātmikā-buddhir ekeha kuru-nandana (БГ 2.41), и во врска со тој стих, Вишванатха Чакраварти Тхакура вели дека зборовите на духовниот учител треба да ги сфатиме како наш живот и душа. Треба да се обидеме да ги извршиме барањата, одредените барања од нашиот духовен учител, без колебање, без да се грижиме за личната добробит или загуба. Се обидов да живеам малку во тој дух. И тој ми ги обезбеди сите погодности за да му служам. Работите стигнаа до таму, што на оваа стара возраст дојдов во вашава земја, а сега и вие го сфаќате ова движење сериозно и се обидувате да го разберете. Сега имаме и книги. Значи, имаме темели за движењето. На оваа годишнина од заминувањето на мојот духовен учител, како што јас се обидувам да ја исполнам неговата волја, на истиот начин, ќе побарам од вас да го исполните неговото барање, како моја волја. Јас сум стар човек, можам да заминам во секој миг. Такви се законите на природата. Никој не може да ги сопре. Тоа нема да нè изненади, но мое барање до вас, на овој поволен ден на заминување на мојот Гуру Махараџ, е барем до извесна мера да ја разберете суштината на движењето за свесност за Кришна. Треба да продолжите да го ширите. Луѓето страдаат зашто им недостасува оваа свесност.