MK/Prabhupada 0114 - Еден господин којшто се вика Кришна ги контролира сите
Lecture -- Laguna Beach, September 30, 1972
Во Бхагавад гита се вели:
- dehino 'smin yathā dehe
- kaumāraṁ yauvanaṁ jarā
- tathā dehāntaraṁ-prāptir
- dhīras tatra na muhyati
- (BG 2.13)
Вие, јас, сите ние, сме заробени во ова тело. Јас сум духовна душа; ти си духовна душа. Така е утврдено во Ведите, ahaṁ brahmāsmi: „Јас сум Браман.“ Тоа значи душа. Не Парабраман, не ги мешајте. Парабраман е Бог. Ние сме Браман, делче и честичка од Бога, фрагменти. Но, не сме Севишниот, има разлика. Исто како што вие сте Американци, но врховниот Американец е вашиот претседател. Господинот Никсон. Но не можете да заклучите дека: „Бидејќи сум Американец, следствено сум Господинот Никсон.“ Тоа не можете да го кажете. Слично, вие, јас, сите ние сме Браман, но тоа не значи дека сме Парабраман. Парабраман е Кришна. Īśvaraḥ paramaḥ kṛṣṇaḥ (Bs. 5.1). Īśvaraḥ paramaḥ. Ишвара значи контролор. Сите ние сме контролори до одреден степен. Некој го контролира своето семејство, својата канцеларија, бизнис, своите ученици. Во најмала рака, некој го контролира своето куче. Ако нема што да контролира, чува милениче, куче или мачка. Сите сакаат да бидат контролори. Тоа е факт. Но врховниот контролор е Кришна. Тука, таканаречениот контролор е контролиран од некој друг. Јас можеби ги контролирам моите ученици, но мене ме контролира некој друг, мојот духовен учител. Никој не може да каже: „Јас сум врховниот контролор.“ Не. Тука ќе наидете на таканаречени контролори, кои навистина се контролори до одреден степен, но и тие се под нечија контрола. Но ако најдете некој кој е само контролор, а (самиот) не е контролиран од никого, тоа е Кришна. Не е многу тешко да го спознаеме Кришна. Обидете се да разберете дека сите ние сме контролори, секој од нас, но во исто време и ние сме под нечија контрола. Но има еден господин кој се вика Кришна. Тој ги контролира сите, но Самиот не е под ничија контрола.
- īśvaraḥ paramaḥ kṛṣṇaḥ
- sac-cid-ānanda-vigrahaḥ
- anādir ādir govindaḥ
- sarva-kāraṇa-kāraṇam
- (Bs. 5.1)
Ова движење за свесност за Кришна е научно, овластено и лесно разбирливо за разумните луѓе. Ако се заинтересирате за ова движење за свесност за Кришна, ќе имате добробит. Вашиот живот ќе биде успешен. Ќе ја достигнете целта на животот. Тоа е факт. Потрудете се да ја прочитате нашата литература. Имаме многу книги. Може да дојдете и практично да се уверите како напредуваат нашите ученици во движењето за свесност за Кришна. Можете да учите од нив низ дружба. Исто како, кога некој сака да стане механичар, оди во фабрика и се дружи со работниците, механичарите и постепено и тој станува механичар. Слично, ние ги отвораме овие центри за на сите да им овозможиме да научат како да се вратат дома, назад..., како да се вратат дома кај Бога. Тоа е нашата мисија. И многу е научна и овластена, Ведска. Ова знаење го добиваме директно од Кришна, Севишната Божја Личност. Тоа е Бхагавд-гита. Ние ја претставуваме Бхагавад-гита каква што е, без бесмислени коментари. Кришна вели во Бхагавад-гита дека Тој е Севишната Божја Личност. Ние го повторуваме истото, дека Севишната Божја Личност е Кришна. Не менуваме ништо. Кришна во Бхагавад-гита вели: „Стани Мој посветеник. Секогаш мисли на Мене. Обожувај Ме. Оддавај Ми почитување.“ Ние луѓето ги учиме истото: „Секогаш мислете на Кришна - Харе Кришна, Харе Кришна, Кришна Кришна, Харе Харе/ Харе Рама, Харе Рама, Рама Рама, Харе Харе. Повторувајќи ја оваа Харе Кришна мантра, секогаш ќе мислите на Кришна.