MK/Prabhupada 0850 - Ако добиете пари, печатете книги
750620d - Lecture Arrival - Los Angeles
Ако добиете пари, печатете книги. Немаме никакво ново откритие. (смеа) Ништо не произведуваме. Го имаме само овој процес. Едноставно ги следиме упатствата на нашите претходници, тоа е сè. Нашето движење е многу лесно, зашто не мораме ништо да произведуваме. Само ги повторуваме зборовите и упатствата дадени од нашите претходници. Кришна го учел Брама, Брама го учел Нарада, Нарада го учел Вјасадева, Вјасадева го учел Мадхавачарја, потоа следеле Мадхавендра Пури, Ишвара Пури, Шри Чајтанја Махапрабху, потоа шесте Госвами, па Шриниваса Ачарја, Кавираџа Госвами, Наротама даса Тхакура, Вишванатха Чакраварти, Џаганатха даса Бабаџи, Бхактивинода Тхакура, Гауракишора даса Бабаџи, Бхактисиданта Сарасвати, а сега ние ја правиме истата работа. Нема никаква разлика. Така функционира движењето на свесноста за Кришна. Секојдневно пеете, guru-mukha-padma-vākya, cittete koriyā aikya, ār nā koriho mane āśā. Многу едноставно. Го примаме трансценденталното знаење низ ученичкиот след, низ гуру-парампара. Само треба да ги примиме упатствата од учителот, и ако успееме да ги воспоставиме во срцето и душата, тоа е голем успех. Многу практично.
Јас немам никакви лични квалификации, само се трудев да го задоволам својот учител, тоа е сè. Мојот Гуру Махараџа ме замоли: „Ако добиеш пари, печати книги“. Седевме заедно и разговаравме. Некои од моите почитувани браќа по Бога беа таму. Беше Рада-кунда. Гуру Махараџа ми рече: „Откако го добивме овој мермерен храм во Бафбазар, се јавија толку несогласувања, сите мислат само на тоа кој која соба ќе ја земе. Посакувам да го продадам храмов и мермеров и да испечатам некоја книга“. Така беше. Го слушнав ова од него лично, дека многу сака книги. И лично мене ми рече: „Ако добиеш пари, печати книги“. Затоа придавам толку важност на овој факт и постојано ве прашувам: „Каде се книгите? Каде се книгите?“ Затоа бидете љубезни и помогнете ми. Тоа го барам од вас. Печатете колку можете повеќе книги, на колку можете повеќе јазици и раширете ги низ целиот свет. Со тоа движењето за свесност за Кришна автоматски ќе зајакне. Денес учените луѓе го ценат нашето движење, зашто со читање на книгите се постигнуваат практични резултати. Др. Стилтон Џуда напиша една книга, можеби ја знаете, Харе Кришна и Контракултурата, многу убава книга за нашето движење, тој му придава значење на движењето. Ми призна: „Свамиџи, направивте прекрасна работа, зашто ги претворивте хипиците зависни од дрога во посветеници на Кришна и тие сега се подготвени да му служат на човештвото“.